Бучковски именуван за специјален претставник за Бугарија
Поранешниот премиер и претседател на СДСМ Владо Бучковски е именуван за специјален претставник за Бугарија, соопшти владината прес-служба.
„Именувањето е со мандат од една година, а целта да се назначи специјален претставник е да се заокружи со успех процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и да се создаде атмосфера за реализација на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и добрососедство“, соопшти Владата.
Потегот доаѓа во услови кога почетокот на преговори на Македонија со Европската унија го блокира Бугарија, тврдејќи дека Македонија ја краде бугарската историја.
Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство и пријателство, но Бугарија тврди дека македонската страна не го почитува договореното, како формулациите за историјата и јазикот.
Бугарија исто така смета дека има застој во работата на заедничката историска комисија, но и дека Македонија дава поддршка на претензиите за признавање на македонско малцинство во Бугарија и говор на омраза и пречки за бугарскиот бизнис во Македонија.
Протест против „продажбата на историјата“
Македонските власти, пак, велат дека не се преговара за јазикот и идентитетот.
Со реакции на именувањето на Бучковски излегоа од опозициксата ВМРО-ДПМНЕ, која денеска организираше протест, каде демонстрантите упатија барања до премиерот Зоран Заев „да не ја продава државата и историјата.“
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека именувањето на Бучковски за специјален претставник за Бугарија е „очаен обид да се најде жртва кому ќе му се препише поразот на политиките на премиерот во заминување Зоран Заев“, наведуваат од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Најголемата опозициска партија во соопштението наведува премиерот Заев намесето да со „замајување на јавноста со стари и истрошени кадри“, треба да одговори за што точно „тајно преговара со бугарслата влада овој викенд и дали се тргува со историјата, јазикот, македонското малцинство и идентитетот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.