Во скопските ковид центри има 489 пациенти, за 4 дена дадени 7.500 решенија за изолација
Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје хоспитализирани се 56 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 489 луѓе сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство. Голем дел од нив се на кислородна поддршка, велат од Министерството и додаваат дека во последното деноночие дома се пуштени 27 оздравени пациенти.
И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 40 тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка, стои во соопштението.
Ковид 19: Рестриктивните мерки треба да продолжат
Во врска со најновите состојби со пандемијата денеска информираше и директорката на ДЗСИ, Ирина Сотирова-Бухова, која рече дека минатиот месец, откако стапија на сила измените и дополнувањата на Законот за заштита на наслението од заразни болести, Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) издал околу 40.000 решенија на лица позитивни на вирусот ковид-19 и на лица контакти со позитивни.
„Само во последните четери дена доставени се 7.500 решенија за изолација“, информираше Сотирова-Бухова.