Гутереш: Природата ни враќа со голема сила и со гнев
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, му порача на светот дека нашата планета е скршена и предупреди дека „човештвото води самоубиствена војна со природата“.
„Природата секогаш возвраќа и тоа го прави со голема сила и гнев“, изјави Гутереш во интервјуто за Би-Би-Си.
Ковид-19 го намали загадувањето, ама недоволно
Тој вели дека сака борбата против климатските промени да ја стави во основата на глобалната мисија на Светската организација. Во својот говор за ситуацијата со животната средина на Земјата, Гутереш повтори дека е потребно да се намалат емисиите на штетните гасови за 45 проценти до 2030 година, во споредба со нивото на штетни гасови регистрирано во 2010 година.