ЕУ го усогласи буџетот за 2021, се чека Полска и Унгарија да го повлечат ветото
Владите на Европската унија (ЕУ) и на Европскиот парламент (ЕП) денеска се договорија за годишниот буџет на Унијата за 2021 година, но за тој да стапи на сила, Полска и Унгарија ќе мора да го укинат ветото за долгорочниот буџет на ЕУ за периодот од 2021-2027 година.
Буџетот за 2021 година за сите 27 земји на ЕУ веќе е креиран на границите на приходите и трошоците утврдени со новиот седумгодишен буџет на ЕУ, кои Варшава и Будимпешта не сакаат да ги прифатат бидејќи пристапот до парите на ЕУ е поврзан со почитување на владеењето на правото. Двете земји се под истрага на ЕУ за нарушување на независноста на судството, медиумите и невладините организации, така што постои ризик да останат без милијарди евра.
Унгарија и Полска заеднички против ЕУ
Доколку се стави вето на буџетската рамка од 2021 до 2027 година, годишниот финансиски план за следната година нема правна основа.
„Буџетот за 2021 година може да биде на сила кога ќе се укине блокадата врз целиот буџет и кризниот фонд. Без тоа се очекува драстично намалување на финансиите на ЕУ од почетокот на следната година“, истакна германскиот амбасадор во ЕУ, Мајкл Клаус, осврнувајќи се на преминување на ЕУ кон привремено финансирање, кое последен пат беше искористено во 1989 година.
Доколку Полска и Унгарија не го повлечат ветото на седумгодишната буџетска рамка до следниот самит на лидерите на ЕУ на 10 декември, ЕУ следната година ќе се префрли на аранжман за привремено финансирање и секој месец ќе смее да потроши само дванаесеттина од тоа што го потрошила за одредена област во 2020 година.