Усвоен законот за помош од 6000 денари на ранливата категорија граѓани
Собранието денеска го усвои Законот за финансиска поддршка на ранливата категорија граѓани. По неговото објавување во Службен весник, треба надлежните институции да утврдат листа на тоа кои луѓе ќе може да ги добијат картичка со 6000 денари за купување домашни производи и да се утврди од кои фирми ќе може да се користат производи и услуги. За оваа мерка се предвидени да се потрошат 27 милиони евра, а мерката да ја користат околу 270 илјади луѓе.
Властите го најавија четвртиот сет економски мерки во јуни пред изборите, а новата влада го усвои пакетот помош на крај на септември. Парите за реализација на пакетот се обезбедени со ребалансот на буџетот.
Корисници на оваа помош ќе бидат луѓе со ниски примања, кои во периодот од јануари до август немаат повеќе од 120 илјади нето приходи.
Граѓаните ќе мора да „купуваат домашно“ набрзина
Во групата спаѓаат пензионери кои имаат пензии до 15 илјади денари, пасивни баратели на работа, стари лица кои користат право на социјална сигурност, млади од 16 до 29 години кои биле испуштени во евиденцијата со претходните мерки, потоа самохрани родители кои имаат ниски примања, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници кои вршат самостојна дејност или се ангажирани преку авторски или друг вид на договор.