Примени 26 нови пациенти во ковид-центрите во Скопје
![Примени 26 нови пациенти во ковид-центрите во Скопје](https://gdb.rferl.org/0cea5fc0-4480-41e6-a8b3-19e0af2c3836_cx0_cy7_cw73_w800_h450.jpg)
Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 26 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 443 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
Нови 984 случаи на корона, оздравени 631, а починати 24 пациенти
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 10 оздравени пациенти. Од министерството посочуваат дека и покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 30-тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.
Од Министерството наведуваат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.