Побарана целосна истрага за можни воени злосторства во украинскиот конфликт
Главната обвинителка на Меѓународниот кривичен суд изјави дека прелиминарната истрага покажала дека е можно да се сторени воени злосторства и злосторства против човештвото во Украина, што наложува целосна истрага од судиите од судот со седиште во Хаг.
По шестгодишна прелиминарна истрага, обвинителката Фату Бенсуда во изјава рече дека „во овој момент постои разумна основа да се верува дека е извршен широк спектар на однесување кое претставува воени злосторства и злосторства против човештвото“ за време на конфликтот во Украина.
Русија го окупираше и нелегално го анектираше Полуостровот Крим од Украина во март 2014 година, што следеше по про-европските протести, со кои беше симнат од власт про-рускиот претседател Виктор Јанукович. Русија исто така ги поддржа сепаратистите во конфликтот во кој загинаа повеќе од 13.000 луѓе од 2014 година.
Без да именува осомничени лица или да навлезе во детали за наводните езлосторства, Бенсуда рече дека нејзината прелиминарна истрага открила „три широки групи на виктимизација.“
Таа рече дека станува збор за злосторства извршени за врме на непријателства, за врме на притвори и за злосторства извршени на Крим. Иако Украина не е членка на Меѓународниот кривичен суд, таа ја прифати надлежноста на светскиот суд во 2014 година да ја испита операцијата против демонстрантите во Мајдан, а подоцна ја прошири надлежноста да ги опфати конфликтите на Крим и во источна Украина.
Русија не е членка на судот и не ја прифаќа неговата јурисдикција. Бенсуда рече дека следниот чекор е да се побара дозвола од судиите на Меѓународниот кривичен суд за отворање на целосна истрага. Украина ја поздрави најавата на обвинителката, опишувајќи ја како „историска одлука.“