Состанок кај Пендаровски за ковид-19
За актуелната ситуација со ковид-19 и мерките и активностите на надлежните органи за сузбивање на пандемијата се разговарало на средбата на претседателот на државата Стево Пендаровски со министерот за здравство, Венко Филипче, началникот на Генералштабот на Армијата Васко Ѓурчиновски и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
На средбата станало збор и за усвоената информација од Владата за вакцинација против ковид-19, која ги опфаќа подготвеноста на системот, улогата на УНИЦЕФ како Координатор на набавки во COVAX механизмот, директните преговори со производителите и со Европската комисија и земјите-членки на Европската унија.
Традиционално обраќање на претседателот, традиционален бојкот од опозицијата
Филипче, Ѓурчиновски и Ангелов реферирале за тоа како институциите со кои тие раководат се справуваат со вирусот и за соработката меѓу нивните институции.
„Претседателот Пендаровски, оценувајќи дека состојбата со коронавирусот кај нас, како и насекаде во Европа, е исклучително сериозна, повика на уште поголема одговорност и посветеност во работата на надлежните институции. Тој истакна дека е неопходна целосна координација и соработка на сите надлежни институции вклучени во активностите против ширење на коронавирусот, како и во справувањето со последиците предизвикани од ковид-19“, се наведува во соопштението од кабинетот на шефот на државата.