Неделен извештај на ИЈЗ: Помалку позитивни и починати
Бројот на новодијагностицирани и починати, како и на процентот на позитивни од тестирани за Ковид-19, во периодот од 14 до 20 месецов, споредено со претходната недела, е намален, покажуваат податоците од денеска објавениот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Тоа, како што посочуваат оттаму, е тренд во изминатите три недели.
Според извештајот, во тој период се пријавени 159 смртни случаи од 25 града, што е намалување од 8,6 проценти во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 131 лице биле над 60 години, 17 од 50-59 години, осум смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години, а три случаи од возрасната група од 30-39 години.
Смртните случаи од корона отворија дилеми за пропусти во болничкото работење?
„Регистрирани сe 4.585 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 16,9 проценти во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје. Процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 29,3 проценти, што е намалување од 5,5 проценти во однос на минатата недела“, соопшти ИЈЗ.