Мицкоски сведочеше за „27 април“: Монтиран политички процес
Народот тој ден, а и не само тој ден, туку и претходно, се самоорганизираше, односно бројката варираше од неколку стотини во некои денови, до неколку илјади во други денови, дел од тие протести кога можев бев и јас. Зошто? Затоа што протестиравме против погрешните политики во најава, изјави денеска претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по неговото сведочење во случајот „Организатори на 27 април“, односно за обвинетите за организирање на насилството со Собранието на 27 април 2017 година.
Мицкоски рече дека ова го кажал и на судењето. Тој на минатото рочиште не се појави поради лични обврски, а од неговата партија тогаш рекоа дека тој ќе сведочи кога уредно ќе биде поканет.
„Јас дадов изјава и во судницата дека ниту Извршниот комитет ниту било кој член на ВМРО-ДПМНЕ е дел од организацијата на ова самоорганизирање на народот. Очигледно е дека станува збор за монтиран политички процес за да се нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ. По 27 април загуби ВМРО-ДПМНЕ, а влада направи СДСМ и можеби тој одговор на ова прашање ќе ви послужи да истражите и да иницирате кој го осмисли сето тоа“, изјави Мицкоски.
Тој денеска беше во Судот како сведок на одбраната во случајот „Организатори на 27 април“, во кој се обвинети поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.