Облачно со можност за дожд и снег на планините
![Облачно со можност за дожд и снег на планините](https://gdb.rferl.org/10E387B3-2E9E-4609-BB35-C10E630132FC_w800_h450.jpg)
Денеска не очекува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните и северните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Од УХМР велат дека минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје се очекува облачно време со повремени врнежи од дожд, особено попладне и во текот на ноќта. Ќе дува слаб до умерен јужен, а попладне северозападен ветер. Минималната температура ќе биде околу 5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Утре ќе се задржи облачно време со врнежи од дожд, а на планините од снег. Повремено врнежите ќе бидат пообилни, на места и поројни . Поради продор на постудена воздушна маса врнежи од снег ќе има и на некои повисоки места, особено во западните делови од земјава. На планините ќе се формира нова снежна покривка, со што ќе се зголеми веќе постоечката.
Од понеделник времето ќе биде претежно стабилно, освен во крајните западни делови, каде ќе има услови за повремен дожд.