Заев - Вакцините ќе стигнат во март следната година
![Заев - Вакцините ќе стигнат во март следната година](https://gdb.rferl.org/257ad3c3-ea71-4c44-8e21-9f8dcf9b17b2_w800_h450.jpg)
Најверојатно во март следната година ќе пристигнат вакцините против коронавирусот во земјава, изјави премиерот Зоран Заев.
Тој додава дека ако станува збор за донација, тогаш „со задоволство“ ќе ја прифатат без разлика од која држава доаѓа и дали е членка на Унијата.
Коментарите доаѓаат во услови кога во неколку земји во светот започна вакцинацијата против Ковид-19, но во земјава сѐ уште не се знае кога точно и колку дози ќе добие од соседните земји.
Конкретна е само бројката од 833 илјади дози преку КОВАКС системот, кои се очекуваат до март 2021.
Заев реле дека ќе се води и јавна кампања за потребата од вакцинирање, за да се вакцинираат поголем број граѓани, но нагласи дека вакцината нема да биде задолжителна и дека секој граѓанин ќе има право да одлучува за својот организам.
„Затоа сме направиле ние како држава се, вградени сме во сите системи, сме предвиделе буџетски средства, сме уплатиле аванси таму кај што можеме заради тоа што не сме членки на ЕУ, сме ги направиле сите протоколи, сме се обратиле, сме побарале вклученост и слично, така не вклучила ЕУ која што нарачала 200 милиони за себе и 100 милиони за земјите на Европскиот континент коишто не се членки на ЕУ“, вели Заев.
Ќе се води и јавна кампања за потребата од вакцинирање за да се вакцинираат поголем број граѓани за да се стопира ширењето на пандемијата, додава тој.