Дебар против изградбата на албанската хидроцентрала Скавица
Општина Дебар е против изградбата на вештачкото езеро и хидроцентралата „Скавица“ во Албанија во близна на границата со С. Македонија кај Дебар. Проектот ќе биде штетен за развојот на општина Дебар рече денеска на седница на Советот на Дебар, градоначалникот Хекуран Дука, јави дописникот на РСЕ од Дебар, Кенан Мимидиновски.
Проектот на албанската влада за изградба на „Скавица“, како идеја во Тирана се најавува околу 30 години, а деновиве беше најавено почеток на работите од страна на премиерот на Албанија, Еди Рама.
Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, ги информираше советниците дека оваа негова негативна оценка за енергетскиот проект на владата во Тирана ја изнел и на средбите со албанскиот претседател Илир Мета кој деновиве беше во посета на Дебар како и на средбата што ја имал и со градоначалникот на Пешкопеја, Дионис Имерај.
„Можеби албанската влада ќе има одредени економски ефекти од овој проект, но тврдам дека Дебар ќе има само штети од овој проект“, нагласи Дука и додаде дека водите на вештачкото езеро „Скавица“ ќе стигнат до границата со Македонија, односно до дебарските села.
Против овој проект се и жителите на повеќе албанските погранични села, кои со протести повеќепати се спротивставуваат на влада во Тирана, бидејќи според нив со изградбата на вештачката акумулација фактички се потопуваат најдобрите плодни полиња во овој пограничен регион на Албанија.