Продолжува потрагата по деветмина исчезнати во свлечиште во Норвешка
![Продолжува потрагата по деветмина исчезнати во свлечиште во Норвешка](https://gdb.rferl.org/61f1aa41-b07b-4dc0-8265-f27d9eb3377f_cx0_cy9_cw0_w800_h450.jpg)
Норвешките власти и денеска ја продолжуваат потрагата по деветмина исчезнати, три дена откако во свлечиште загина едно лице, а десетмина беа повредени.
Спасувачите се надеваат дека ќе пронајдат преживеани во местото Аск со 5000 жители, 25 километри североисточно од Осло.
„Во свлечиштето гледаме дел од зграда кој е практично неоштетен. Се надеваме дека постојат воздушни џебови и дека ќе може да пронајдеме преживеани. Сега се концентрираме на тоа“, изјави претставничката на локалната полиција Ида Мелбо Ејстесе на прес-конференција.
Спасувачите вчера најдоа еден настрадан.
Меѓу исчезнатите има две деца од две и 13 години.
Властите поради свлечиштето евакуираа 1000 луѓе кои не можат да се вратат дома поради нестабилниот терен.
Еден од повредените е во тешка состојба и е префрлен во Осло.