Законските измени заради вакцините ја поминаа првата собраниска фаза
![Законските измени заради вакцините ја поминаа првата собраниска фаза](https://gdb.rferl.org/e8155a00-7854-4de4-85cb-3ed1be8f4361_w800_h450.jpg)
Предлог- измените на законот за јавни набавки со кои се предвидуваат измени на условите за набавки на вакцините против ковид 19 ќе се носи по скратена постапка. Пратениците со 61 глас „за“ , еден „против“ и 12 воздржани, одлучија по скратена постапка предлог- измените на законот да бидат испратени во собраниската комисија за буџет и финансирање, а потоа и во и законодавно-правната комисија на натамошна расправа.
Во предлог- измените на законот е наведено дека одредени одредби кои се вообичаени при нормално функционирање на пазарот на јавни набавки во овие околности создаваат потешкотии и неможност за задоволување на потребите.
„Тоа особено е евидентно при набавката на вакцини против КОВИД-19, при што Република Северна Македонија мора да ги искористи сите можни канали за снабдување, вклучително и директни контакти со производителите. Во овие услови, одредбите кои се предмет на дополнување не може да се применат и потребно е да се предвиди флексибилност во делот на исплата на аванс, согласно со воспоставената практика на производителите на вакцините на глобално ниво,“ се вели во предлог- измените на законот за јавни набавки.