Во Македонија нема мутиран ковид од Британија, доминираат 2 други мутации
![Во Македонија нема мутиран ковид од Британија, доминираат 2 други мутации](https://gdb.rferl.org/FC0E0B48-1192-4B60-A337-20AF235CD43D_w800_h450.jpg)
Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека заклучно со 11 јануари 2021 година, според резултатите од анализите во Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ), не е утврдено присуство на коронавирусот од Велика Британија во нашата земја.
Во лабораторијата на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија - ИЦГИБ-МАНУ биле анализирани геноми на близу 180 SARS-CoV-2 вируси кај пациенти од Македонија дијагностицирани во периодот јуни 2020 – 11 јануари 2021 година.
„Соевите се изолирани од пацинети од различни градови од земјата. Од присутните соеви на вирусот, два (B.1.1 и B.1.1.70) се доминантни во нашата популација, присутни кај >75% од пациентите. И двата соја се присутни од почетокот на пандемијата, од кои B.1.1 сојот (присутен во цела Европа, а со највисока застапеност во Грција, Италија, Австрија, Шведска, Турција, Русија, итн.) има стабилна фреквенција, додека фреквенцијата на B.1.1.70 сојот (присутен со повисока фреквенција во Србија, Хрватска, Косово) се зголемува во последните месеци и во моментот е доминантен кај анализираните пациенти“, соопшти Министерството.
Според МЗ, претпоставките се дека варајантниот сој не е поврзан со зголемена трансмисивност, ниту пак со тежината на клиничката слика на заболените.