Средношколците продолжуваат со бојкот на наставата
Сојузот на средношколците соопшти дека донел одлука за продолжување на бојкотот на наставата од страна на матурантите и следната недела. Од Министерството за образование и наука (МОН) регираат дека бојкотот е „неоправдан.“
Бојкотот на наставата на средношколците беше започнат поради нивните барања за измена на матурскиот испит поради онлајн наставата. Тие бараат, наместо четири, да полагаат два предмети, едниот да биде задолжителен мајчин јазик, додека вториот да биде изборен, како и проектна задача.
Министерството за образование и наука вели дека измени на матурскиот испит ќе има од следната година.
Во денешно соопштени МОН наведува дека „бојкотирањето на оваа суштинска должност“ е неприфатливо и оти Министерството и Владата се должни и ќе ја спроведат матурата.
„За да обезбедат можности за сите над 14.000 учениците коишто ја пријавија да ја полагаат и да продолжат да учат и да се запишат на факултет“, се вели во соопштението на МОН.
Од Министерството за образование и наука исто така наведуваат дека државната матура годинава ќе се полага по скратена и променета методологија и дека со тоа биле сложни матурантите, средношколските здруженија, наставниците и родителите, велат од МОН.
Средношколците и натаму во клинч со МОН, бараат поддршка од пратениците
Во последната објава на Фејсбук, Сојузот на средношколци наведе дека нивна делегација одржале средба со неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, на која од нив добиле „поддршка“ на нивните барања.
„Бевме информирани дека ќе започнат со иницијатива за организирање на јавна расправа во понеделник и подготовка на законски измени“, велат од Сојузот на средношколци.
Исто така во објавата е наведено дека Сојузот очекува широк консензус во Собранието околу нивните барања , прашање кое како што велат „ги засега сите 18 илјади матуранти.“
Претходно Сојузот на средношколци испрати писмо до 85 пратеници во кое бараат поддршка од Собранието.
Средношколците бараат пратениците да го повикаат МОН даги исполни нивните барања, но доколку не се промени ставот на МОН тие бараат усвојување на законско решение со нивните барања.