Камчев добива третман како сите притворени, тврди Управата за извршување на санкции
![Камчев добива третман како сите притворени, тврди Управата за извршување на санкции](https://gdb.rferl.org/3b3e6eb0-1b7f-45c1-b115-da9809e6e2d2_w800_h450.jpg)
Управата за извршување на санкции соопшти дека бизнисменот Орце Камчев добива третман како секое друго притворено лице во земјата.
„Управата за извршување на санкции најкатегорично ги демантира информациите за наводен нехуман третман, тортура, понижувачки услови и загрозување на здравјето на притвореникот Орце Камчев. Притвореното лице е сместено само, а досега врз него се направени вкупно шест медицински прегледи, од кои еднаш била повика и Брзата помош“, се вели во реакцијата.
Оттаму додаваат дека на 21 март Камчев бил однесен и на специјалистички кардиолошки преглед и е констатирано дека тој нема медицински проблеми кои би значеле негово лекување.
На Камчев на 14 март му беше определен е 30-дневен притвор. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал наведоа дека приведувањето е откако Агенцијата за национална безбедност доставила извештај дека Камчев се подготвува за бегство.
АНБ и Заев за случајот Камчев, одбиена жалбата за притворот
Предлогот за определување на мерка притвор, како што наведоа, е бидејќи Камчев е осомничен во истрагата “Плацевите на Водно”, за нелегално купените плацеви за поранешниот премиер, сега азилант во Унгарија Никола Груевски преку неговите фирми. Тој е и еден од осомничените во случајот „Империја“ заедно со поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за перење пари.