Прогласувањето на Шар Планина за национален парк помина во собраниската комисија
![Прогласувањето на Шар Планина за национален парк помина во собраниската комисија](https://gdb.rferl.org/FAFABCF0-F6B0-4910-AD9C-2A25EE3A91DB_w800_h450.jpg)
Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија на денешната седница го разгледа Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, во прво читање и едногласно со 10 гласа „за“ оцени дека е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Вкупната површина на националниот парк се предвидува да биде 62.705 хектари од кои 26,5 отсто во строга заштита, 49,06 во активно управување, а 22,02 отсто во одржливо користење.
Шара конечно ќе биде национален парк
Со Предлог-законот, како што истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, се утврдуваат границите, зоните, името, меѓутоа и клучните прашања уредени во Законот за заштита на природата, односно управувачката структура и начинот на функционирање кој ќе биде ист како и кај сите други национални паркови во државата.
Носењето на законот го поздравија пратениците од власта и опозицијата иако имаа одредени забелешки особено во делот на спречувањето на дрвокрадците, изградбата на малите хидроцентрали и неконтролираното градење.
Иницијативата за прогласување на Шара за национален парк е започната пред повеќе од 20 години. Во меѓувреме, природата на планината беше уништувана со сеча на шумите, но и со бројни проекти за изградба на мали хидроцентрали кои ги одобри државата. Дел активисти за заштита на животната средина се сомневаат дека прогласувањето на Шара за заштитено подрачје било одложувано токму поради изградбата на малите хидроелектрани.