Мицотакис најави контролирано фазно отворање на Грција
Отворање на угостителските објекти на трети мај, со скратен полициски час од 23 часот, враќање на сите ученици во училишните клупи на 10 мај и отворање на туризмот на 15 мај, заедно со укинување на забраната за движење меѓу градови, се трите точки од планот на грчката Влада за постепен излез од карантинот, што попладнево го соопшти премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Во видео пораката до граѓаните, Мицотакис истакна дека предуслов за конкретниот план е да нема ново зголемување на случаите на Ковид-19.
Угостителските објекти, основните и средните училишта ќе се отворат со задолжителни селф тестови, односно брзи тестови за домашна употреба, како за вработените, така и за учениците и професорите.
Грција се отвора на 14 мај – вакцина, ПЦР-тест или прележаност за влез во земјата
Туризмот, како што е веќе познато ќе се отвори со сертификат за вакцинација или негативен тест за посетителите. Во однос на претстојните велигденски празници, Мицотакис соопшти дека нема да биде дозволено движење меѓу региони, односно патување од еден во друг град.
Грчкиот премиер во пораката до граѓаните рече дека пандемијата се чини дека се стабилизира, здравствениот систем одговара на притисокот, а индексот на позитивност се намалува, но, истакна дека сепак најважна е ефикасноста на вакцините. Паралелно, најави дека од следната седмица ќе започне нов, како што рече, брз процес за вакцинација на лицата над 30 години, за побргу да се стекне колективен имунитет.
Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин со воведен полициски час од 21 часот, а со исклучок на продавниците, фризерските салони, берберниците, археолошките локалитети и повисоките класови од средните училишта, останатите активности во земјата се затворени.