Ја украле оградата на гробиштата во Велес
Триесет метри жичана ограда заедно со столпчињата и корпи за отпадоци се украдени на градските гробишта кај црквата „Св. Спас“ во Велес. Ова е трета кражба што се случува на оваа локација.
Гане Циунов, раководител на одделот за гробишта од ЈКП „Дервен“ за МИА вели дека нивната чуварско-одржувачка служба на гробиштата со четворица вработени е немоќна сама да се справи со некои од жителите од населбата Рамина, а која е веднаш до гробиштата, кои најчесто здружени во групи ја нарушуваат безбедноста на граѓаните и ја крадат жичаната ограда.
Тие бараат поголема заштита од полицијата, од каде имаат информација дека веќе ги фатила крадците на оградата, но бараат од СВР Велес и во иднина, превентивно да го спречат ваквиот вандализам и да ги заштити.
Ова е трета кражба на оградата на гробиштата. Првиот пат заштитната ограда беше украдена целосно, а вториот делови од 200 метри долгата заштитна жичана ограда, а овој пат 30 метри заштитна ограда, вели Циунов.
Тој појаснува дека крадците сето тоа го ставаат во вреќи за потоа полесно и незабележително да го изнесат од гробиштата.