Чешката Влада ги отфрли коментарите на претседателот за Русија
Чешката влада денеска повтори дека доказите што ги поврзуваат руските воени разузнавачки служби со експлозијата во складиште за муниција во 2014 година се „многу убедливи“, откако претседателот Милош Земан се посомнева во обвинувањата што предизвикаа длабок дипломатски раздор со Русија.
Земан за време на телевизиското обраќање до нацијата рече дека постојат две теории за тоа што ја предизвикало експлозијата во близина на источниот чешки град Врбетице. Тој смета дека една верзија на настаните е дека руските разузнавачки служби учествувале во смртоносната експлозија. Другата верзија, според него, е дека експлозијата била предизвикана од нестручно ракување со муниција.
„Ги сфаќам сериозно и двете верзии и посакувам темелно да бидат истражени“, рече Земан.
Земан повика без хистерија да се спроведат истрагите за експлозиите во 2014
Премиерот Андреј Бабиш на 17 април објави дека истражителите на чешките разузнавачки и безбедносни служби доставиле „недвосмислени докази“ дека постои „основано сомневање во врска со улогата на припадници на руската воена разузнавачка единица ГРУ 29155 во експлозијата на складиштето за муниција во Врбетице во 2014 година “.
Како одговор, чешката влада објави протерување на 18 руски дипломати за кои се сметаше дека се шпиони, покренувајќи низа тензии меѓу Прага и Москва.
Прага и Москва со договор за намален број на дипломати во амбасадите
Цитирајќи го извештајот на Чешката безбедносна информативна служба, Земан рече дека „нема доказ“ дека двајцата руски агенти на ГРУ кои се бараат во врска со можната вмешаност во експлозијата биле во складиштето за оружје.
„Се надевам дека ќе ја утврдиме вистината и ќе откриеме дали ова сомнение [за вмешаност на руското разузнавање] е оправдано. Ако тоа е случај, иако ги поддржувам фер односите со сите важни земји, Руската Федерација ќе мора да ја плати цената на овој претпоставен терористички акт“, рече Земан.
Како одговор на коментарите на Земан, вицепремиерот Јан Хамачек, кој е и министер за внатрешни работи, рече дека информациите од разузнавањето, полицијата и истражителите за експлозиите во 2014 година биле силни.