МФ: Јавниот и државниот долг во рамки на проекциите
![МФ: Јавниот и државниот долг во рамки на проекциите](https://gdb.rferl.org/8EBDD19F-844C-4D66-A70A-40B148A1F432_w800_h450.jpg)
Јавниот и државниот долг во првото тримесечје од 2021 година, по повлекување на средствата од осмата еврообврзницата, забележуваат благ раст од 2,3 и 2,9 процентни поени. Јавниот долг изнесува 62,5 отсто, додека државниот изнесува 54,1 отсто, соопшти Министерството за финансии.
Како што истакнуваат од Министерството, издавањето на осмата еврообврзница во износ од 700 милиони евра, со историски најниска каматна стапка од 1,625 отсто, е со цел рефинансирање на еврообврзницата издадена во 2014 година со каматна стапка од 3,975 отсто. Отплатата на еврообврзницата од 2014 година во јули ќе влијае на намалување на тековната состојба и на јавниот и на државниот долг, соопштуваат од ресорното министерство.
Светска Банка: Закрепнување на економијата дури догодина
На среден рок, односно до 2025 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 58,8 отсто, односно под нивото утврдено со Мастришкиот критериум, додека државниот долг ќе се сведе на 51 проценти. Ова, според МФ, ќе се реализира, од една страна, преку планот и мерките за постепена фискална консолидација, односно постепено намалување на буџетскиот дефицит, и од друга страна преку забрзување на економскиот раст, односно продуцирање поголема додадена вредност од којашто полесно ќе може да се сервисира долгот што доспева.