Заев за изјавата на Пендаровски: Нема да ни падне круната од глава, да учиме од критиките
Претседателот на државата Стево Пендаровски одлично ја врши својата функција. Тој е наш коректив и неговите критики секогаш ги сфаќам најдобронамерно, рече денеска премиерот Зоран Заев, во врска со последното интервју на шефот на државата во кое, меѓу другото, зборува и за трагедијата во Тетово и вели дека кога тој би бил на местото на министерот Филипче „би си поднел оставка од морални причини“.
„Не си дозволувам длабински анализи на интервјуа на претседател на државата. Неговата функција е да биде коректив. Тоа што тој го соопштува го чувствувам најдобронамерно. Да учиме од слабостите и да се усовршуваме. Тој е претседател на сите граѓани, ја врши одлично својата функција и е наш коректив, на политичарите. Нема да ни падне круната од глава ако испрати критики, напротив, од критиките треба да учиме“, истакна Заев, одговорајќи на новинарски прашања по увидот на пречистителната станица во Штип.
Неодговорени прашања за пожарот во тетовската болница
Заев ќе одлучи за оставките кога ќе заврши истрагата за пожарот
Премиерот уште еднаш коментираше за трагедијата со модуларната болница во Тетово. Тој кажа дека од таа трагедија се извлечени поуки и дека во моментов се прават контроли на сите модуларни болници во земјава. Toj додаде дека никој не е венчан за функцијата, секој е заменлив, но не треба веднаш да си даде оставка затоа што некој тоа го бара.