Втора група од 44 Авганистанци слетаа во Скопје
44 граѓани на Авганистан попладнево пристигнаа на Меѓународниот аеродром во Скопје, што е втора група Авганистанци кои слетаа во Северна Македонија, откако минатиот месец Талибанците ја преземаа контролата врз земјата.
Авганистанците кои денеска пристигнаа се активисти од организацијата „Тиркиз Маунтајн“ (Тurquoise Мountаin), а меѓу нив има и членови на нивните семејства, соопшти Владата на Северна Македонија.
По слетувањето направени врз нив се направени безбедносни проверки за заштита, поддршка од Црвен крст, медицинска поддршка, ПЦР тест и можност за вакцина.
Нова група Авганистанци пристигнуваат на аеродромот во Скопје
Владата соопшти дека лицата ќе бидат привремено сместени во Скопје додека не биде обезбеден трансфер до нивната крајна дестинација, како и дека трошоците за групата ќе бидат целосно покриени од меѓународните организации.
„Република Северна Македонија останува посветена на глобалната хуманитарна акција која има за цел да им помогне на граѓаните од Авганистан кои во изминатиов период работеа на подобрување на човековите права, демократијата и мирот“, соопшти денеска Владата.
„Тиркиз Маунтајн“ (Тurquoise Мountаin) е организацијата основана во 2006 година од страна на принцот Чарлс со хумана мисија која изминативе години имала успешни активности во Авганистан, се вели во соопштението на Владата.
Трудница пред породување меѓу Авганистанците кои пристигнаа во Скопје
Во владиното соопштение е наведено дека организацијата реставрирала повеќе од 150 историски објекти, третирала околу 165 илјади пациенти во клиниката во Кабул, отворила и поддржала повеќе од 50 мали бизниси во Авганистан, Мјанмар.
Првата група од 149 луѓе од Авганистан пристигна во Северна Македонија на 31 август.
Десетици илјади Авганистанци, плашејќи се од одмазда и репресија, ја напуштија земјата откако Талибанците ја преземаа власта во земјата.