Триесет затвореници имале статус на лице кое е во отворено или полуотворено одделение
Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска изјави дека 30 лица кои се на издржување на затворска казна оваа година имале статус на лице кое е во отворено или полуотворено одделение и имаат можност да работат коментирајќи ја ситуацијата со осуденикот Зоран Милевски Кичеец. Според него, целосна будност и одговорност треба да покажат Управата за извршување на санкции и директорите на затворите.
„Директорите на затворите правата проценка и даваат мислење околу некое лице, а Судот одлучува каков статус ќе има, меѓутоа мислам дека во сите овие случаи присуството и ограниченоста на овие лица е гарантирана. Секој од нив има конкретен статус. Тој што го спомнавте, Зоран Милески Кичеец е повторно на продолжување на издржување на казната затвор во Затворот во Струга, со одземени сите погодности кои ги имал претходно од Судот“, изјави Маричиќ.
Кичеец од отвореното одделение преместен во полуотвореното во Затворот Струга
Во однос на случајот со поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, тој рече, дека ако по одобрение на Судот бил на лекар, тоа е случај со многу други притвореници и затвореници.
„Ниту се случило некое бегство, ниту пак некој бил под таква опасност. Во секој од тие случаи, Судот треба да цени и постапува, исто како и Обвинителството и директорите на затворите, затоа што тие се надлежни за обезбедување на овие лица. Никогаш не треба притворот да биде казна, но мора да биде превентивна мерка против влијаење на сведоци, бегство и повторување на делото и треба системот ефикасно да ги спречува сите овие лица за кои има индиции“, изјави Маричиќ.
На Зоран Милевски Кичеец му беше дозволен прекин на отслужување на затворската казна од 30 дена поради тахикардија, а Рашковски беше фотографиран како слободно е движи низ Скопје, иако е во домашен притвор.