Економијата на Авганистан пред колапс
![Економијата на Авганистан пред колапс](https://gdb.rferl.org/56b4e629-76ff-4150-9d8f-77b030308563_w800_h450.jpg)
Норвешкиот совет за бегалци предупреди дека економијата на Авганистан е пред колапс и земјата се соочува со хуманитарна катастрофа по преземање на власта која сега е предводена од Талибанците.
„Економијата на Авганистан излегува од контрола. Формалниот банкарски систем може да пропадне во секој момент поради недостаток на готовина. Разговарав со семејствата кои ми велат дека преживуваат со чај и мали остатоци од стар леб “, рече генералниот секретар на советот, Јан Егеланд, за време на денешната посета на Кабул.
По колапсот на владата поддржана од Западот минатиот месец во пресрет на офанзивата на Талибанците, многу влади ги замрзнаа имотите и помошта на Авганистан, за да донесат одлука што треба да се преземе кон новите владетели, што предизвика влошување на економската ситуација.
„Стотици илјади внатрешно раселени луѓе имаат очајна потреба од засолниште, облека и храна за да ја преживеат зимата што доаѓа. Ние сме во трка против времето за да спасиме животи пред да дојде суровата зима и температурите да се спуштат до -20 Целзиусови степени. Стотици илјади раселени луѓе итно имаат потреба од засолниште, топла облека и храна во наредните недели“, рече Егеланд.
Демонстранти бараат ослободување на авганистанските девизни резерви
Од јануари, повеќе од 664.000 луѓе низ Авганистан се раселени, со што вкупниот број на внатрешно раселени лица се искачи на 3,5 милиони, се вели во соопштението на советот.
Според соопштението, еден од секој трет граѓани во земјата е „акутно гладен“, а повеќе од 93 проценти од авганистанските домаќинства немале доволно храна во изминатата недела.
„Донаторите мора да се фокусираат на обезбедување брзи и ефикасни решенија за давање итна помош за деца, жени и мажи, кои едноставно не можат да чекаат повеќе“, се додава во соопштението.
Во него се наведува и дека повеќе од 18 милиони од проценетите 32 милиони жители на земјата се потпираат на хуманитарна помош за да преживеат.
Претходно овој месец, меѓународната заедница вети повеќе од 1,2 милијарди американски долари хуманитарна помош за Авганистан. Земјата беше во голема мера зависна од меѓународно финансирање во последните 20 години, при што три четвртини од целиот буџет за јавни трошоци доаѓаа од помош.