Досега попишани 1.760.194 лица во земјава
Заклучно до денеска во 7:30 часот во земјава се попишани вкупно 1.760.194 лица, 546.080 домаќинства и 789.406 станови, соопшти Државниот завод за статистика.
Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле – 201.247 граѓани од дијаспората. Освен во своите домови, граѓаните можат да се попишат и на одредени пунктови во нивните општини, што ги отвори Државниот завод за статистика.
Од Државниот завод за статистика велат дека во последните денови од Пописот на населението, домаќинствата и становите, пописните активности на терен се одвиваат непречено и во одредени пописни реони со зголемен интензитет. Помалите пописни реони низ државата веќе завршуваат со попишување на населението и се прават последни завршни проверки.
Уште пет дена попис, досега попишани околу 1,4 милиони лица
Во одредени урбани средини интензитетот на попишување се зголемува, се вклучуваат дополнителни попишувачи за да може да се посети секое домаќинство и никој да не биде пропуштен. Со сиот расположлив потенцијал се работи непрекинато и според утврдените рокови предвидени во Законот за попис, истакнуваат од ДЗС.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември.