Путин и Ердоган три часа разговараа во Сочи
Рускиот претседател Владимир Путин денеска во рускиот град Сочи му беше домаќин на својот турски колега, Реџеп Таип Ердоган. Оваа средба на двајцата лидери се смета за најважна нивна средба во последните години.
Средбата во црноморското летувалиште Сочи следи по двенеделна самоизолација за Путин, откако многу негови соработници беа позитивни на ковид-19.
Последната средба меѓу Путин и Ердоган се одржа во Москва пред 18 месеци, а во меѓувреме се акумулираа прашања меѓу двете земји.
Како теми на разговори, покрај конфликтите во Сирија и Либија, беа посочени и разговорите за Јужен Кавказ и Украина, проширувањето на извозот на руски гас и евентуалната испорака на втората серија на рускиот ракетен систем С-400 на Турција, и покрај забелешките од страна на САД.
Во Сочи средба меѓу Путин и Ердоган
Двајцата лидери три часа разговараа во Сочи. Путин рече дека односите меѓу Москва и Анкара се развиваат позитивно благодарение на нивната способност да најдат „компромиси“.
„Преговорите понекогаш се тешки, но со позитивен краен резултат“, рече тој.
Ердоган рече дека верува оти има голема корист од продолжувањето на односите меѓу двете земји и од нивното зајакнување од ден во ден.