Амнести: талибанците егзекутирале 13 Хазари
Амнести интернешнл денеска соопшти дека талибанските сили убиле 13 етнички Хазари меѓу кои и 17 годишна девојка. Убиствата се случиле две недели откако исламистичката група ја урна авганистанската влада која беше поддржана од западните земји.
Убиството на двајца цивили и 11 членови на авганистанските национални безбедносни сили се случило во селото Кахор во централната провинција Дајкунди на 30 август при нивниот обид да избегаат пред доаѓањето на талибанските борци, соопшти денеска меѓународната организација со седиште во Лондон.
Талибанците пукале во воздух за да растераат демонстранти во Кабул
Според сведочењата на очевидците, девет припадници на авганистанските безбедносни сили биле убиени откако сами се предале на талибанците, нешто што Амнести интернешнл наведува дека изгледа како воено злосторство. Од организацијата велат дека ги прегледале видеото и фотографиите на кои се прикажани тела на 11 мажи наредени еден до друг со рани од куршуми на главите.
“Овие ладнокрвни егзекуции се дополнителен доказ дека талибанците ги прават истите ужасни злосторства по кои беа познати за време на претходното владеење со Авганистан“, рече генералната секретарка на Амнести интернешнл Агнес Каламард.
Таа побара од талибанската власт да стави до знаење дека вакви тешки злоупотреби нема да бидат толерирани и оние кои се одговорни за нив ќе бидат судени.
Младите во Кабул загрижени за нивната иднина под талибанците
Засега нема реакции од талибанците кои ветија дека нема да вршат одмазнички напади кон оние кои работеле со странските сили или со претходната авганистанска влада по нивното преземање на Кабул на 15 август.
Хазарите кои се претежно шиити се трета по големина етничка група во Авганистан. Нивните членови се соочуваат со долготрајна дискриминација и прогон во земјата во која претежно живеат сунити. Талибанците во нивното претходно владеење до 2001 година беа познати по бруталното методи насочени кон жените и етничките малцинства.