Партијата на Бабиш во водство на изборите во Чешка
![Партијата на Бабиш во водство на изборите во Чешка](https://gdb.rferl.org/05d9c6d7-bd89-40b0-91ad-7feb17b021a5_w800_h450.jpg)
Популистичката партија АНО на чешкиот премиер Андреј Бабиш се чини дека има водство на парламентарните избори, но не беше јасно дали лидерот милијардер ќе може да состави коалициска влада.
Си-Ен-Ен „Прима њуз“ по затворањето на избирачките места на 9 октомври предвидува дека АНО ќе биде прва со 27,8 проценти од гласовите, а потоа следуваат двете опозициски коалиции кои ветија дека ќе работат заедно за да го соборат АНО: коалицијата на десниот центар „Заедно“ со 26,4 отсто и либералната група Пирати/Мајори со 15 проценти.
Гласањето се смета за тест на популарноста на актуелниот премиер Андреј Бабиш во услови на континуирани прашања за неговиот бизнис и офшор компании, како и неговото справување со пандемијата на коронавирусот.
Двете помали партии кои ја поддржуваат неговата сегашна малцинска влада - левичарските Социјалдемократи и Комунистичката партија, можеби нема да освојат доволно места за да останат во Парламентот.
Тоа може да го натера АНО да побара пакт со екстремно десничарските националисти за да ја задржи власта.
Парламентарни избори во Чешка
Друг можен исход е владата да биде составена од двата главни опозициски десно-центристички и лево-центристички блокови, што според анкетите можат да соберат мнозинство.
67-годишниот Бабиш со години бележеше растечки просперитет, но исто така беше во центарот на истрагите за судир на интереси од страна на Европската комисија.
Тој се соочува со полициска истрага поради обвинувањата дека несоодветно извлекол субвенции од Европската унија, како и со медиумските извештаи дека користел офшор фирми за купување недвижен имот во Франција.
Бабиш ги оцени „Пандорините документи“ како заговор против него
Бабиш ги негираше сите три случаи. Тој обвини дека извештаите за офшор фирмите откриени во новинарските истражувања познати како „Пандора документи“, се кампања за оцрнување.
Неговата популарност, исто така, беше нарушена од начинот на кој неговата влада се справува со ковид пандемијата.
Повеќе од 30.000 чешки државјани починаа од вирусот, што е меѓу највисоките бројки на смртни случаи во Европа по глава на жител.
Една вајлд-карта ја вклучува улогата на претседателот Милош Земан кој го поддржа Бабиш и сигнализираше дека ќе поддржи малцинска влада доколку партијата на Бабиш не успее.