Талибанците нема да соработуваат со САД во сузбивање на Исламската држава
Талибанците денеска ја отфрлија можноста за соработка со САД во борбата против екстремистичките групи во Авганистан, изразувајќи таков став пред првите директни разговори меѓу двете страни откако Американците се повлекоа од земјата.
Високи претставници на талибанците и претставници на Соединетите држави треба да се состанат на 10 и 11 октомври во Доха, главниот град на Катар.
Официјални лица од двете страни рекоа дека прашањата за кои се разговара ќе вклучуваат спречување на екстремистичките групи и евакуација на странски државјани и Авганистанци од земјата. Талибанците посочија дека ќе бидат флексибилни во однос на евакуацијата.
Први разговори на САД со талибанците по преземањето на власта
Портпаролот на талибанците Сухаил Шахин за АП изјави дека нема да има соработка со Вашингтон во борбата против сите активни ограноци на таканаречената „Исламска држава“ во Авганистан, пренесува Бета. „Исламската држава“ ја презеде одговорноста за голем број напади, вклучително и за нападот врз џамија во петокот, во кој загинаа 46 шиити, а десетици беа повредени.
„Можеме сами да се бориме против Даеш“, рече Шахин, користејќи ја арапската кратенка за „Исламска држава“.
Милитантната група „Исламска држава“ изврши неколку напади врз шиити во земјата, откако се појави во источен Авганистан во 2014 година. Исто така, се смета дека е најголема закана за Соединетите држави.
Талибанците поканети на разговори во Москва
Талибанско-американските средби во Доха се првите откако американските сили се повлекоа кон крајот на август оваа година, со што заврши 20-годишното воено присуство и талибанците ја преземаа власта во земјата.
САД јасно ставија до знаење дека разговорите не се вовед во признавањето на талибанските власти.
Разговорите следеа по дводневните тешки разговори меѓу пакистанските власти и американскиот заменик државен секретар Венди Шерман во Исламабад. Авганистан исто така беше во центарот на тие разговори.
Пакистанските власти ги повикаа САД да контактираат со новите авганистански власти и да ослободат меѓународни средства од милијарди долари за да спречат економски колапс на земјата.
Пакистан, исто така, имаше порака до талибанците, повикувајќи ги да станат поинклузивни и да се грижат за етничките и верските малцинства.