Средба Вучиќ – Путин на крајот на ноември
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека го добил како прелиминарен датум 25 ноември за средба со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
Двајцата претседатели ќе разговараат за проблемите во Косово, цената на гасот и актуелната гасна криза во Европа.
Вучиќ запрашан за средбата со Путин и енергетската ситуација, изјави дека само несериозните луѓе можат да кажат дека ситуацијата е целосно стабилна и безбедна.
„Верувавме дека ќе се намали цената на гасот на пазарот, но нашите анализи не се точни. Денес на берзата во Холандија, која е референца за Европа, цената на гасот е 1.200 долари за 1.000 кубни метри. Ние купуваме гас за 270 долари“, рече Вучиќ.
Вучиќ: Односите меѓу Србија и Русија се исклучително добри
Тој потсети дека Србија има договор за увоз на гас од Русија по таа цена до крајот на годината, но, како што вели, треба да се размислува што ќе се прави по 1 јануари.
Вучиќ последен пат се сретна со Путин во јуни минатата година, кога присуствуваше на воената парада по повод 75-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна.