САД нудат паричен надомест за жртвите на нападот со дрон во Кабул
![САД нудат паричен надомест за жртвите на нападот со дрон во Кабул](https://gdb.rferl.org/4dff13fe-9824-46bf-a3a5-2c082ea08504_w800_h450.jpg)
Владата на Соединетите Држави понуди паричен надоместок за роднините на десет лица кои беа убиени од американската војска во напад со беспилотно летало врз главниот град на Авганистан, Кабул, на 29 август.
Во нападот загинаа хуманитарен работник и девет членови на неговото семејство, меѓу кои и седум деца. Пентагон соопшти дека работи и за да им помогне на преживеаните членови на семејството да се преселат во Соединетите Држави.
Војската на САД призна дека нападот со дрон во близина на аеродромот во Кабул бил грешка
Нападот се случи неколку дена пред повлекувањето на американската војска од Авганистан, за време на евакуацијата по ненадејното враќање на Талибанците на власт и на само неколку дена по разорниот напад на Исламска држава- Корасан (ИС-К), локален огранок на групата Исламска држава (ИД) во близина на аеродромот во Кабул.
„Американското разузнавање го следеше автомобилот на едно лице на 29 август, верувајќи дека е поврзано со милитантите на ИД-К“, изјави минатиот месец началникот на американската Централна команда, Кенет Мекензи.
Истрагата откри дека автомобилот на лицето е виден во комплексот поврзан со ИС-К, а нејзиното движење било координирано со други разузнавачки податоци за плановите на терористичката група да го нападне аеродромот во Кабул.
Во еден момент, беспилотно летало за надзор забележало лице како вметнува експлозив во багажникот на автомобил, но подоцна се покажа дека тоа биле резервоари за вода.
Генералот Мекензи го опиша нападот како „страшна грешка“ и додаде дека Талибанците не биле вклучени во разузнавачките информации што довеле до нападот.