Заев: Државата подготвена за стабилизирање на цените од енергетскиот шок
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не очекува инфлацијата да надмине три отсто до крајот на годинава. Според него, државата е целосно подготвена за стабилизирање на цените од енергетскиот шок кој се случува во Европа.
„Инфлацијата не очекуваме да биде поголема од три проценти, а според последните податоци кои ги имаме е 2,8 проценти. Не очекуваме зголемена инфлација ни за годинава, ниту за годините што следат до 2026-та. Курсот на денарот е стабилен има и стабилни цени. Меѓународниот пазар има влијание врз цените на некои од производите, како што беше со маслото за јадење чија цена се зголеми пред шест месеци насекаде, или цените на нафтените деривати и во моментов на природниот гас и на електричната енергија на берзите. Тоа не зависи никако од нас, но државата е целосно подготвена за стабилизирање на цените од енергетскиот шок кој се случува во Европа“, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата на која беше најавен Планот за за забрзан економски развој 2022-2026 година.
Според него, средствата кои се планираат за Планот за забрзан економски развој 2022- 2026 година нема да се само од кредити, туку и од сопствени средства. Тој најави дека најголемите инвестиции што ќе се реализираат во следните четири години ќе бидат од областа на енергетиката.
Бектеши: Нема потреба од кризна состојба во енергетиката
Министерот за економија Крешник Бектеши претходно изјави дека во моментот нема потреба да се прогласи кризна состојба во делот на енергетиката, нагласувајќи дека до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата.