Грција - Ако се врати националистичката реторика кај соседите, ќе ја редефинираме нашата позиција
Враќањето на една националистичка реторика од нашите соседи, во суштина ќе нѐ одведе до редефинирање на нашата национална позиција за поддршка на процесот на проширување на ЕУ, рече алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис.
Тој изрази загриженост за случувањата во земјава и истакна дека правилното спроведување на Договорот од Преспа е еден од предусловите во преговарачката рамка.
Мицкоски – Ако не го почитуваме Преспанскиот договор ќе имаме проблеми со институциите
„Морам да го признам следното: многу нѐ загрижуваат случувањата во Северна Македонија. Враќањето на една националистичка реторика од нашите соседи, во суштина ќе нѐ одведе до редефинирање на нашата национална позиција за поддршка на процесот на проширување. Бидејќи еден од цврстите предуслови што се поставени во преговарачката рамка е доследно и правилно спроведување на сите одредби од Договорот од Преспа. И неопходно е, оваа порака, денеска, од сите нас да биде испратена до нашите соседи кои се наоѓаат во политичка бура“, рече Варвициотис.
Во Македонија дел од градоначалниците коишто се избрани од коалицијата „За обнова на Македонија“ предводени од ВМРО-ДПМНЕ при стапувањето на функција потпиша свечени изјави со името Република Македонија без придавката Северна, на што реагираше и македонското МНР.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека Преспанскиот договор е реалност, која ако не ја почитуваат ќе имаат проблеми со институциите, но дека ќе работат да ја променат таа реалност, ако имаат можност.