СДСМ – Нема потреба од брзи избори, партиите од владејачкото мнозинство освоија повеќе гласови од опозицијата
Партиите од владејачкото мнозинство освоија повеќе гласови за советите на општините, отколку целата опозицијата заедно, и затоа парламентарното мнозинство нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори, реагира преку соопштение владејачката СДСМ, откако лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара брзи предвремени избори, зашто, како што рече, владата целосно го изгубила кредибилитетот и легитимитетот.
Мицкоски побара брзи предвремени парламентарни избори
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори минатата недела.
Сепак, СДСМ вели дека партиите од владејачкото мнозинство, кои на локалните избори настапија самостојно, на советничките листи освоиле вкупно 419 илјади гласови, додека целата опозиција заедно има 400 илјади гласови.
„СДСМ и владината коалиција имаат 664 советнички места, што е 61 повеќе од советничките места кои ги освоија ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата“, се наведува во соопштението од СДСМ.
Владејачката партија тврди дека парламентарното мнозинство е стабилно.