Двајца мртви во пад пред концерт во чест на групата АББА во Шведска
Двајца мажи настрадаа кога едниот од нив паднал врз другиот од седмиот кат на културен центар во Шведска во пресрет на почесен концерт за групата АББА, соопшти полицијата.
Осумдесетгодишниот маж, кој синоќа паднал во фоајето на концертната и конгресна сала Упсала во близина Стокхолм, починал на лице место, а 60-годишникот врз кого паднал подоцна им подлегнал на повредите.
Жената која била со 60-годишникот е повредена, но не е во животна опасност.
Се уште се утврдува дали 80-годишникот скокнал или случајно паднал.
За синоќа беше планиран концерт во чест на двајцата машки членови на АББА, Бјорн Улвеус и Бени Андерсон, но настанот е откажан.
Културниот центар Упсала ќе биде затворен до петок поради смртните случаи.