Протест против анти-ковид мерките во Нов Зеланд
![Протест против анти-ковид мерките во Нов Зеланд](https://gdb.rferl.org/05e00000-0a00-0242-3182-08d9a352edc1_w800_h450.jpg)
Неколку илјади луѓе се собраа денеска во Велингтон во знак на протест против мерките воведени поради епидемијата на корона вирусот, а голем број полицајци беа присутни на улиците во градот поради протестот.
Околу 3.000 луѓе, вклучително и неколку десетици мотоциклисти, од кои повеќето не носеа маски, поминаа низ центарот на Велингтон до Парламентот на Нов Зеланд.
Некои учесници носеа знамиња „Трамп 2020“, како и транспаренти против премиерката Џасинда Ардерн.
Протестот помина мирно, соопштија тамошните власти, пренесува агенцијата Франс прес. Полицијата соопшти дека нема апсења во Велингтон, иако изрази разочарување што многу демонстранти ги прекршиле мерките против епидемијата на коронавирус.
Нов Зеланд под карантин поради единствен сомнителен случај на делта
Премиерката на Нов Зеланд изјави дека мнозинството граѓани ги поддржуваат мерките против корона вирусот и додаде дека речиси 90 отсто од населението примиле барем една доза од вакцината.
„Она што го видовме денес не ја претставува позицијата на огромното мнозинство Новозеланѓани“, рече премиерката.
Владата воведе строги мерки, како што се карантин и затворање на границите. Во Нов Зеланд, со население од околу пет милиони, 31 пациент починале од коронавирус од почетокот на епидемијата.