Ескобар во Црна Гора со охрабрување за реформите
Соединетите Американски Држави стојат покрај сите оние кои поддржуваат суверена, инклузивна и граѓанска Црна Гора, соопшти американската амбасада во Подгорица по средбата на американскиот специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар и премиерот Здравко Кривокапиќ.
„На средбата, Ескобар го охрабри премиерот Кривокапиќ да го задржи фокусот на Владата на реформите неопходни за забрзување на пристапувањето на Црна Гора во Европската унија“, се вели во објавата на американската амбасада на Твитер.
Се додава дека Ескобар охрабрил посилна економска интеграција на регионот. Американскиот пратеник вчера имаше средба со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, со што ја почна тридневната посета на Црна Гора.
Ескобар: САД се загрижени за корупцијата во Црна Гора
Според Амбасадата на САД во Црна Гора, Ескобар ја охрабрил Црна Гора да продолжи да игра конструктивна улога во справувањето со регионалните предизвици. Ова беше прва посета на Ескобар на Црна Гора како специјален пратеник за Западен Балкан.