Мицкоски на лесна претходно договорена хируршка интервенција
![Мицкоски на лесна претходно договорена хируршка интервенција](https://gdb.rferl.org/0ff60000-0aff-0242-412e-08d9a54e3961_cx0_cy63_cw0_w800_h450.jpg)
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека имал лесна хируршка интервенција и дека сега се чувствува добро.
„Динамичен ден. Киднапиран пратеник, криминал, уцени, срам, и нормално најголемата желба на СДСМ-ДУИ да ме немало во политиката… После 45 минути лесна хируршка интервенција, се чувствувам одлично. Огромна благодарност до д-р Џиковски, Срцева, Пеев и останатите. Одиме понатаму, ние сме тоа што тие не се – Обединети за нова иднина на Македонија“, стои во фејсбук статусот на Мицкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ за Радио Слободна Европа рекоа дека се работи за интервенција на масно ткиво на вратот која била претходно закажана.
Засега нема парламентарно мнозинство за пад на владата
Инаку денеска во Собранието имаше напната атмосфера откако опозицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ не успеа да обезбеди 61 пратеник за да се гласа за недоверба на владата со што и седницата не почна бидејќи немаше кворум, а пратениците од владејачкото мнозинство не влегоа во салата.
До ова дојде откако пратеникот од Беса Кастриот Реџепи кој претходно го поддржа најавеното мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ денеска не се појави во Собранието, а подоцна во видео обраќање на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук рече дека е здрав и добар и се определил на страна за ЕУ и НАТО. Опозициските лидери пак велат дека тој бил киднапиран.