Опомена од инспекторатот за градоначалникот и советниците во Штип
![Опомена од инспекторатот за градоначалникот и советниците во Штип](https://gdb.rferl.org/05e00000-0a00-0242-fa25-08d991b33d25_w800_h450.jpg)
Свечените изјави без уставното име што ги потпишаа штипските советници од ВМРО-ДПМНЕ и Левица се спротивни на Уставот, е заклучокот на инспекторите од Државниот инспекторат за локалната самоуправа. Во решението кое денеска пристигнало до градоначалникот на Општина Штип и до претседателот на Советот е наведено дека советниците од мнозинството ќе мора да потпишат нови свечени изјави, но и да се повторат одлуките кои во меѓувреме се донесени.
„Свечените изјави треба да се усогласат со Уставот бидејќи тој е највисок правен акт кој произведува супериорно правно дејство и сите закони и прописи мора да бидат усогласени со него“, пишува меѓу другото во Решението на Државниот инспекторат за локална самоуправа.
Со решението на Инспекторатот опомени добија градоначалникот Иван Јорданов и претседателката на Советот Весна Карагунова-Кожинкова.
МНР: Општините и советниците да го користат уставното име на државата
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Душко Иванов вели дека откако ќе го видат решението ќе имаат координација и ќе го кажат својот став како понатаму ќе постапат согласно добиеното решение од Државниот инспекторат. За в понеделник е закажана и трета седница на Советот, на којашто треба да се носи и ребаланс на буџетот.
Доколку мнозинството советници не постапи согласно добиеното решение од Инспекторатот во рокот кој им е даден, во тој случај можат да се соочат и со мерката „забрана за прописи“. Ова ќе значи целосна болокада на работата на Советот на општината.