Експлозијата пред болница во Ливерпул е терористички чин
Експлозијата во такси пред болница во Ливерпул, во која загина човек, е предизвикана од бомба од домашно производство и се третира како терористички инцидент, соопшти британската полиција.
Шефот на Контратерористичката полиција во северозападна Англија, Рас Џексон денеска изјави дека експлозијата што се случи ден претходно во женската болница во Ливерпул била предизвикана од експлозивна направа што ја внел патник во возилото.
Во експлозијата загинал сопатникот, додека таксистот бил повреден.
Вчера во Ливерпул беа уапсени тројца мажи на возраст од 29, 26 и 21 година според Законот за тероризам, а денеска е приведен дваесетгодишен маж, соопшти шефот на полицијата.
Тој вели дека полицијата сè уште се обидува да го открие мотивот за експлозијата.
„Истрагата ќе продолжи за да се дознае како е направен уредот, да се открие мотивот за инцидентот и да се дознае дали некој друг бил вклучен во него“, рече Џексон.
Тој им кажа на новинарите дека таксистот го собрал патникот, кој побарал да го однесат во болница.