Ставени потписи на декларацијата за воено интегрирање во НАТО
Денеска официјално се заокружи процесот на воено интегрирање на Македонија во НАТО. Заедничката декларација во Скопје ја потпишаа командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација генерал Филип Лавињите и началникот на Генералштабот на македонската Армија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски
На церемонијата за потпишување на заедничката декларација, во вила Водно, присуствуваа и претседателот и Врховен командант на Вооружените сили Стево Пендаровски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Претседателот Пендаровски, порача дека за патот до полноправно членство во НАТО не беше лесен, но дека со активирањето на НАТО поканата за членство, како држава добивме поголема меѓународна видливост и дипломатски потенцијал за реализација на стратешките политички и економски интереси.
Генералот Филип Лавињит, честиташе за брзото и успешно завршување на военото интегрирање на државата во Алијансата, нагласувајќи дека Северна Македонија може да смета на солидарноста и поддршката на НАТО сојузниците.
Министерката за одбрана Шекеринска рече дека од денеска започнува нов пат за целосна модернизација на Армијата.
На потпишувањето, генерал-потполковник Ѓурчиновски, нагласи дека денеска успешно завршува интегративниот процес што практично ја отсликува напорната тридецениска работа како држава и како Армија.
Премиерот Зоран Заев, кој во владата се сретна со генерал Филип Лавињ, пред церемонијата за потпишување на заедничката декларација, рече дека ова е историски ден за Северна Македонија.
С. Македонија од денеска целосно воено интегрирана во НАТО
Процесот на воена интеграција на Северна Македонија во НАТО започна пред две и пол години, кога беше поканета да се приклучи. Во март 2020 година, Северна Македонија стана полноправна членка на тој воено-политички сојуз.