Македонскиот владин одбранбен интегритет со умерен ризик од корупција
Индексот на владиниот одбранбен интегритет за 2020 година објавен денеска од Транспаренси Интернешнл за одбрана и безбедност открива дека речиси две третини од земјите се соочуваат со висок до критичен ризик од корупција во нивните одбранбени и безбедносни сектори.
Земјите кои имаат слаб резултат во Индексот за владин одбранбен интегритет имаат слаби или непостоечки заштитни мерки против корупцијата во одбранбениот сектор и имаат поголема веројатност да доживеат конфликт, нестабилност и кршење на човековите права, се вели во соопштението на Транспаренси интернешнл.
Во него се посочува дека Северна Македонија е оценета со умерен ризик, додека соседните Грција, Албанија, Косово и Србија се оценети со висок ризик. Само Црна Гора од регионот е оценета со многу висок ризик.
Според извештајот Северна Македонија постигна напредок кон зајакнување на пристапот до информатичките системи и транспарентноста во набавките за одбрана.
„Сепак, остануваат празнини во способноста на парламентот да го испита буџетот за одбраната и во транспарентноста на изворите на приходи на секторот. Подобрувањето на системите за дојавување и заштитни мерки за корупција во работењето треба да бидат следните чекори за секторот, “ се вели во извештајот.
Ставени потписи на декларацијата за воено интегрирање во НАТО
Податоците врз кои се базира извештајот се собирани во перидот од март 2018 до март 2020 година. Во извештајот се набљудувани 86 земји. До овие резултати се доаѓа откако глобалните воени трошоци се зголемија на околу 2 трилиони долари годишно, поттикнувајќи го обемот и можностите за корупција, се вели во извештајот.
Глобалниот индекс за одбранбен интегритет ги врши оценувањата на 86 земји во пет ризични области: финансиски, оперативни, кадровски, политички и набавки, пред да се определи вкупна оценка.