Шведскиот парламент решава за новата влада на Магдалена Андерсон
Шведските пратеници денеска треба да решат дали лидерката на социјалдемократите, Магдалена Андерсон, која поднесе оставка по неколку часа како премиер, може да формира малцинска влада. Андерсон во минатата недела беше избрана за премиер, а седум часа подоцна поднесе оставка бидејќи парламентот не го усвои предлог-буџетот поднесен од нејзината влада. Наместо на владата, парламентот го усвои предлог-буџетот на опозициските партии. Веднаш потоа, Партијата на зелените, помал партнер на социјалдемократите, ја напушти владејачката коалиција.
Првата жена премиер на Шведска поднесе оставка неколку часа откако беше избрана
Андерсон потоа го информираше претседателот на парламентот Андреас Норлен дека сака да води малцинска влада во која ќе биде само нејзината партија. Норлен изјави дека парламентот в понеделник ќе гласа за избор на нова влада. Според шведскиот Устав, премиерот може да биде именуван и да остане на функцијата сѐ додека мнозинството не е против него. Мнозинството во парламентот со 349 пратенички места го сочинуваат 175 пратеници. Социјалдемократите сега имаат 100 пратеници, а со сојузниците, вклучително и Зелените, имаат 174. Еден независен пратеник најверојатно ќе ја поддржи Андерсон.