Средба на европски претставници по смртта на мигрантите во Ламанш
Европските власти денеска одржуваат итен состанок во францускиот пристанишен град Кале, во обид да најдат подобар начин во борбата против трговијата со луѓе.
Состанокот се одржува по смртта на 27 мигранти кои во преполн гумен чамец се обидоа да го преминат каналот Ламанш, од Франција до Велика Британија.
Забележливо е дека британските претставници отсуствуваат од состанокот во Кале, бидејќи несреќата со чамецот со мигранти што се случи на 24 ноември, предизвика нова криза во политичките односи меѓу Британија и Франција.
Двете земји меѓусебно се обвинуваат дека не прават доволно за да ги одвратат луѓето да се движат по тој опасен морски пат.
Австрија уапси 15 лица за шверц на мигранти низ балканската рута
Франција ја истражува несреќата во Ламанш, која е најголема досега по бројот на загинати мигранти во таа област. Меѓу жртвите се ирачки Курди и најмалку еден Сомалиец, иако повеќето од нив според објавените податови, сѐ уште не се идентификувани.
Министри од Германија, Холандија, Белгија и Франција ќе се сретнат во Кале со претставници на ЕУ, европската гранична агенција Фронтекс и со претставници на полициската агенција Европол.
Во фокусот на разговорите ќе бидат мрежите на шверцери на луѓе кои наплаќаат од 3.000 до 7.000 евра за да организиират преминување на Ламанш.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дрманен изјави дека е запленет автомобил со германски ознаки во рамки на истрагата за случајот .
Хуманитарните организации се залагаат за похумани и координирани политики за азил, наместо да се воведува зголемен број полицајци.
Во камповите долж францускиот брег, групи мигранти од Судан, како и Курди од Иран и Ирак, чекаат шанса да го преминат Ламанш. Нив не ги одврати несреќата во средата, ниту засилените патроли на францускиот брег.
Бројот на мигранти кои се обидуваат да го преминат морето со мали чамци се зголеми оваа година за време на ограничувањата за патување поради пандемијата на коронавирусот и по Брезгит. Сепак, бројот на мигранти кои пристигнуваат во Британија е мал во споредба со другите европски земји.