ОН – Косово не може да прогласи членови на УНМИК за персона нон-грата
Косовските власти не ја известиле официјално Мисијата на ОН во Косово (УНМИК) дека руски член на оваа мисија е прогласен за персона нон-грата, соопшти портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дижарик.
Косово на 31 декември го прогласи за недобредојден рускиот претставник од Канцеларијата за врски на официјална Москва, која се наоѓа во Приштина, поради „злонамерни активности кои ја загрозуваат националната безбедност и уставниот поредок на Косово“.
Руски службеник од УНМИК прогласен за персона нон-грата во Косово
Руската канцеларија на Косово функционира во рамки на мисијата УНМИК и врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Дижарик рече дека, според законите врз основа на кои дејствува УНМИК, членови на таа мисија не може да бидат прогласени за персона нон-грата.
„Дознавме дека косовските власти прогласиле за персона нон-грата вработен во Мисијата на ОН во Косово (УНМИК). Косовските власти не ѝ дале на Мисијата никакво официјално соопштение во врска со оваа објава. Доктрината нон-грата не е применлива на персоналот на ОН и не е предвидена со Уредбата на УНМИК 2000-47 (за статусот, привилегиите и имунитетот на КФОР [Меѓународните сили на Косово под водство на НАТО] и УНМИК и нивниот персонал на Косово“, рече тој.
Се наведува дека секоја загриженост во врска со кој било член на УНМИК треба да биде упатена до раководството на Мисијата.
тходно, претседателката на Косово Вјоса Османи кон крајот на октомври соопшти дека двајца претставници на Канцеларијата за врски на Русија на Косово се прогласени за нон-грата поради активности кои ја нарушуваат „националната безбедност и уставниот поредок“.
Вработените во руската канцеларија во Приштина не подлежат на никаков визен режим и имаат право да влезат и да престојуваат на Косово. Тие добиваат посебни документи од ОН па можат да влезат и излезат од територијата на Косово кога ќе посакаат.
Вработените во руската канцеларија исто така имаат целосен имунитет, односно не подлежат на локалниот кривичен закон.