Над 15 илјади позитивни ученици и наставници пред второто полугодие во Грција
Учениците во Грција денеска се враќаат во училишните клупи и второто полугодие започнува регуларно, без одлагање, јави дописничката на МИА од Атина. Второто полугодие започнува под построги протоколи, со задолжителни маски, но и задолжителен негативен резултат од селф тест, односно тест за домашна употреба.
Учениците и просветните работници, без разлика дали се вакцинирани или не, добија бесплатни селф тестови, од кои едниот требаше да го направат во пресрет на почетокот на второто полугодие и според информации од Министерството за образование на Грција, веќе се откриени над 15 илјади потенцијални позитивни случаи.
Биле тестирани околу 1,6 милиони лица, а до рано утрово биле потврдени 15.547 позитивни селф тестови.
Во Грција од почетокот на годината има рекорден број на заразени со ковид, а омикрон варијантата е доминантна во земјата. Досега во земјата има над 1,5 милион заразени, а во моментов има 400 илјади активни случаи.
Рекордни нови случаи на ковид во Грција, скок на бројките во Србија и Косово
Учениците и просветните работници задолжително ќе се тестираат два пати седмично, со бесплатните селф тестови, а за оваа седмица ќе добијат еден тест плус. Оние кои не се вакцинирани, пак, ќе се тестираат секој ден.
За второто полугодие, промени има во протоколите во однос на потврден случај и нема да се тестираат само децата кои седат во близина на заразениот ученик, туку ќе се тестира целото одделение/клас.