СБ: Безбедносната состојба во земјата е стабилна
Безбедносната состојба во земјата е стабилна и засега нема индиции кои би укажувале дека би можело да дојде до загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Северна Македонија, информираше по денешната 14-та Седница на советот за безбедност, претседателот Стево Пендаровски.
Во однос на тензиите на украинско-руската граница, Пендаровски изјави дека Северна Македонија како земја членка на НАТО ги направила сите неопходни подготовки за можните сценарија во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните во овој регион, за кој рече дека останува потенцијално високо ризична зона.
„Ги поздравуваме дипломатските напори на различни нивоа, кои ги преземаат главните фактори во меѓународната заедница, со кои им се дава шанса да дијалогот и преговорите, а не на оружјето и воинствената реторика“, изјави Пендаровски.
Пентагон најави можно распоредување војници во источното крило на НАТО
Во тој дел од светот, нагласи Пендаровски, има мали симболични знаци за деескалација на реториката во изминатите неколку денови, но се уште е рано да се прогнозира како ќе се одвиваат настаните понатаму.
Во однос на состојбите на регионот, Советот заклучи дека со засилената дипломатска активност на меѓународната заедница во последниот период, тензиите се делумно намалени, со што се отвора простор за повторно воспоставување на дијалогот како единствен начин за надминување на проблемите.